Министерството за образование и наука е институцијата која треба да ја усогласува висината на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, смета Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи го оспори ставот на Министерството дека не е надлежно за усогласување на износот со растот на животните трошоци, посочувајќи дека токму оваа институција е носител на мерката.
„Усогласувањето го прави институцијата која го води целиот процес на една институционална мерка. Во овој случај, носител на мерката субвенциониран студентски оброк е Министерството за образование и наука“, изјави Ходаи.
Како дополнителен аргумент, тој посочи дека средствата наменети за субвенционирање на студентскиот оброк се предвидуваат во буџетот на Министерството за образование и наука.
„Ако го гледате буџетот на државата за секоја година, студентскиот оброк се опфаќа во буџетот на Министерството за образование и наука. Што значи дека обврска на институцијата, во овој случај на МОН, е да ја усогласува висината на студентскиот оброк“, нагласи Ходаи.
Тој оцени дека студентите не треба да бидат жртви на различните толкувања на надлежностите меѓу институциите, ниту да ги трпат финансиските последици поради тоа.
Форумот за образовни промени останува на ставот дека Министерството треба да ја исполни законската обврска за усогласување на студентскиот оброк, но и ретроактивно да ги надомести средствата за кои студентите сметаат дека се оштетени.