Разочарувачките резултати од ПИСА-тестирањето треба да бидат аларм за надлежните институции, но и повод за отворање широка општествена дебата за иднината на македонското образование, смета Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи оцени дека особено загрижува фактот што јавната дебата за лошите резултати на учениците трае само неколку дена по нивното објавување, по што проблемот се заборава.
„Поразителни се за општеството резултатите од ПИСА. Исто така, многу е поразително што дискусиите за резултатите од ПИСА ни траат само една недела, кога ќе се објават резултатите. Сега се заборава, никој не зборува за тоа“, изјави Ходаи.
Тој предупреди дека последиците од ниското ниво на писменост кај младите ќе се одразат и врз идното функционирање на општеството.
„Тоа се 74 проценти од 15-годишните деца кои не разбираат што читаат. Тоа е поразително. За три години ќе имаат право на глас, ќе гласаат на избори, ќе избираат претставници на народот, нивни претставници. За четири години ќе бидат студенти, академски граѓани“, нагласи Ходаи.
Според него, Министерството за образование и наука треба да иницира поширока дискусија со сите релевантни чинители во образовниот процес и да се утврдат конкретни мерки за надминување на слабостите во системот.
Ходаи оцени дека станува збор за состојба на криза која бара сериозен институционален пристап, а не краткотрајни реакции во јавноста по објавувањето на резултатите.