Премиерот Христијан Мицкоски треба да одговара за политиките што ги спроведува Владата, наместо критиките за неговата работа да ги доживува како напад врз неговата професорска кариера, смета Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Гостувајќи во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи се осврна на јавната полемика со премиерот, кој изрази незадоволство од неговите настапи и изјави во кои, според Мицкоски, се навредуваат универзитетските професори.
„Секогаш кога го критикуваме да носи одговорност како премиер, тој се брани како професор, кажувајќи дека е професор, ги знае маките на студентите, знае што е проблемот во образованието“, изјави Ходаи.
Тој ги отфрли обвинувањата дека лично навредувал универзитетски професори, нагласувајќи дека неговите критики се насочени кон неправилностите во високото образование и начинот на академско напредување.
„Јас во ниту еден случај и никогаш не сум навредил професори. Сум критикувал професори што се унапредувани на незаконски начин, со плагијаторство. Тоа го правам и ќе продолжам да го правам, и организацијата што ја водам ќе продолжи да го прави истото“, рече Ходаи.
Според него, носителите на јавни функции мора да бидат подготвени да слушнат критика за политиките што ги спроведуваат, особено кога станува збор за прашања што директно го засегаат животниот стандард на студентите.
„Нам ни е потребно да има одговорност од нивна страна, зошто не ги почитуваат законите и зошто мислат дека законите важат само за граѓаните, а не за нив. Тоа беше целата дебата“, додаде Ходаи.