Наместо дополнителните финансиски средства да бидат насочени кон зголемување на субвенционираниот студентски оброк, Владата најавува изработка на ново софтверско решение, чија потреба е дискутабилна, смета Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи изрази сомнеж во мотивите за воведување нова електронска платформа за студентскиот оброк, посочувајќи дека нејзината изработка ќе подразбира дополнителни трошоци.
„Проблематично е поради тоа што уште пари ќе се трошат на софтверско решение, кое ќе биде платформа за студентски оброк, што сигурно ќе чини многу“, изјави Ходаи.
Тој смета дека средствата што би се потрошиле за изработка на новата платформа би можеле да бидат искористени за подобрување на студентскиот стандард и зголемување на дневниот износ за исхрана.
„Наместо тие пари да бидат насочени кон висината на студентскиот оброк, изгледа дека Владата сака да збогати некоја нова фирма што е блиска до нив како партија и како Влада“, рече Ходаи.
Тој не посочи конкретна компанија, ниту презентираше докази за изнесениот сомнеж во овој дел од разговорот.
Според Ходаи, дополнително спорно е што постапката за изработка на софтверското решение, како што вели, започнала пред студентите да се изјаснат дали го прифаќаат новиот модел.
Тој оцени дека нема оправданост да се трошат дополнителни буџетски средства за промена на системот доколку студентите се задоволни од постојниот начин на користење на субвенционираниот оброк.