Предложениот Закон за квалитет во високото образование предвидува преголема концентрација на моќ во рацете на министерот за образование и наука, што може да претставува сериозен ризик за автономијата на високообразовните институции, предупреди Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени.
Гостувајќи во „Ноќно студио“ на 4ТВ, тој се осврна на предложените измени во системот за акредитација на студиските програми, нагласувајќи дека токму акредитациите имаат суштинска улога во обезбедувањето квалитет во високото образование.
Според Ходаи, новото законско решение предвидува формирање Совет за квалитет со околу 15 членови, како и одбор на Агенцијата со пет членови, кои би биле предложени од извршната власт.
Сепак, како што тврди тој, конечната одлука за акредитација нема да ја носат овие тела.
„На крај, одлуката дали ќе се акредитира студиска програма или не, нема да ја има ниту еден од овие одбори, туку ќе ја има министерот, во овој случај министерката“, изјави Ходаи.
Тој предупреди дека ваквото решение може да отвори простор за политичко влијание врз работата на универзитетите.
„Со овој закон министерката ќе стане крал и може да ѝ текне утре на некој факултет да му ја земе акредитацијата, ќе може со еден потпис тоа да го направи. Тоа е многу ризично“, нагласи Ходаи.
Според него, опасноста не се однесува само на актуелното раководство на Министерството, туку и на секој иден министер кој би ја имал истата надлежност.
„Денес-утре може да дојде некој што има некаков проблем со одреден факултет и со еден потпис може да му ја земе акредитацијата. Ова можеби звучи малку нереално, ама така е напишано во законот“, додаде Ходаи.
Тој смета дека одлучувањето за акредитациите треба да се темели на стручни критериуми и независни проценки, наместо конечната одлука да биде концентрирана кај носител на политичка функција.