Незадоволството од присуството на поранешни политички функционери на протестите против насилството врз жените ја натера неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ јавно да реагира и да постави јасна граница за тоа кој е добредојден на нивните собири.
Од иницијативата преку објава на социјалните мрежи соопштија дека им забрануваат на сите партиски членови, како и на сегашни и поранешни министри и премиери, да доаѓаат на протестите што ги организираат против фемицидот.
Тие порачуваат дека не сакаат феминистичкиот отпор да се претвора во, како што велат, „квази-партиски декор за сопствената политичка беда“.
Истовремено, ги повикаа сите граѓани и граѓанки кои се чувствуваат изневерени, обесправени, понижени и повредени да им се придружат на улица и заеднички да побараат одговорност и правда.
Реакцијата следува по протестот против насилството врз жените и фемицидот, одржан завчера во Скопје, на кој беа забележани и поранешни политичари.
На протестот граѓаните го изразија својот револт поради зачестените случаи на насилство врз жените, како и фемицидите кои, според објавените податоци, годинава одзеле седум животи. Од институциите беше побарано итно преземање мерки за спречување на насилството и заштита на жените.
Учесниците упатија шест конкретни барања до надлежните институции, меѓу кои и итно усвојување на законските измени за заштита од насилство, особено измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои се поднесени во Собранието на 26 август.
Од иницијативата поставија рок до 10 декември за исполнување на барањата, предупредувајќи дека доколку нема институционална реакција, нов протест ќе се одржи пред Собранието на Денот на човековите права.