Македонија

Филипче најави нов потпретседател на СДСМ и порача дека националноста не е мерило за вредноста на човекот

Филипче најави нов потпретседател на СДСМ и порача дека националноста не е мерило за вредноста на човекот

СДСМ ќе добие нов потпретседател од албанската етничка заедница. Лидерот на партијата, Венко Филипче, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ потврди дека Фатмир Битиќи ќе ја преземе оваа функција, посочувајќи дека партијата продолжува да се залага за концептот „Едно општество за сите“.

„Ќе имаме потпретседател, Фатмир Битиќи, кој е Албанец“, изјави Филипче.

Тој додаде дека во Извршниот одбор на СДСМ има и член од албанската заедница, како и пратеник кој припаѓа на влашката заедница.

Според Филипче, националната припадност не треба да биде критериум за вреднување на луѓето, туку нивното образование, знаење, способности и придонесот што го даваат во општеството.

„Дали си Македонец, Албанец, Турчин, не е битно. Битно е каков човек си, колку вредиш, како си едуциран, колку придонесуваш за општеството“, порача претседателот на СДСМ.

Осврнувајќи се на меѓуетничките односи, Филипче оцени дека Македонците и Албанците не се народи кои треба да се гледаат како непријатели, ниту, како што рече, политиката треба постојано да интервенира за да ги смирува односите меѓу нив.

„Не сме ние непријателски народи, па политиката да треба да интервенира, да нè смирува“, изјави тој.

Филипче смета дека соживотот меѓу различните етнички заедници во Македонија може да биде пример и за други земји. Како пример ја посочи Швајцарија, каде што, според него, при вработувањето и напредувањето пресудни се квалификациите, познавањето јазици и професионалните способности, а не националната припадност.

„За тоа се борам и јас и СДСМ“, нагласи Филипче.

Во разговорот се осврна и на повторното отворање на прашањата за балансерот, Бадентеровото мнозинство и употребата на албанскиот јазик. Тој оцени дека станува збор за теми кои претходно биле затворени и изрази сомнеж дека нивното враќање во политичката дебата има цел да го одвлече вниманието од други актуелни проблеми.

„Логично ли е прашањето дали тоа не е намерно, затоа што нема одговор на другите прашања?“, праша Филипче во гостувањето на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни