Формирањето на новата српска Влада и идните насоки на државната политика беа меѓу темите за кои зборуваше вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, за време на самитот на лидерите од Западен Балкан во Охрид, во рамките на процесот Брдо-Бриони.
Чупиќ изјави дека очекува новата Влада да биде формирана во разумен рок, по што јавноста ќе биде запознаена со нејзините планови и програмата за работа.
Тој посочи дека во овој момент не е овластен да открива детали за идните насоки на српската надворешна политика, но нагласи дека таа ќе остане урамнотежена, предвидлива и доследна.
Говорејќи за регионалната соработка, Чупиќ оцени дека на земјите од Балканот им се потребни поголема поврзаност, солидарност и заеднички напредок. Истовремено, порача дека секоја држава има обврска да ги штити сопствените државни и национални интереси.
Посебно ја истакна улогата на младите во политичките процеси, нагласувајќи дека нивното активно учество е неопходно за иднината на регионот.
Според него, без вклучување на младите во носењето одлуки и општествените процеси, тешко може да се очекува тие да останат на Балканот и тука да ја градат својата иднина.
Во рамките на самитот во Охрид, Чупиќ остварил и билатерални средби со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, како и со претседавачката и српска членка на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.