Моника Зајкова повторно е избрана за претседателка на Либерално-демократската партија, откако ја доби довербата од делегатите на Деветтото либерално-демократско собрание, кое денеска се одржа во Скопје под мотото „Напред, либералдемократи!“.
На собранието, на кое присуствуваа над 400 делегати, претставници на домашни и странски политички партии, дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор, Зајкова ги посочи приоритетите за натамошното дејствување на партијата.
Таа побара да се спроведе проверка на потеклото на имотот на сите избрани и именувани функционери од осамостојувањето на државата во 1991 година до денес, нагласувајќи дека исклучок не треба да има ниту за функционерите од редовите на ЛДП.
Меѓу приоритетите ги издвои и поддршката на младинското претприемништво, како и усогласувањето на износот на субвенционираниот студентски оброк со реалните животни трошоци.
На партиското собрание се обратија и претставници на европските либерални партии, кои ја потврдија својата поддршка за европскиот пат на Македонија.
Во рамките на настанот беа доделени признанија на истакнати членови на ЛДП за нивниот придонес во основањето и развојот на партијата.