Германската полиција им забрани на двајца браќа од Сирија, на возраст од 20 и 24 години, да посетуваат божиќни базари во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, поради сомневања за поврзаност со исламистичкиот екстремизам.
Забраната се однесува на вкупно 12 божиќни базари, а за нејзино прекршување е предвидена парична казна од 500 евра. Повторното прекршување може да резултира со повисоки казни, но и со притвор.
Според германските медиуми, една од разузнавачките служби ги предупредила надлежните органи за двајцата браќа, по што биле преземени превентивните безбедносни мерки.
Нивниот адвокат ги отфрла сомневањата, посочувајќи дека истражните органи немаат докази оти неговите клиенти сториле кривично дело и дека тие немале намера да ја загрозат јавната безбедност.
Безбедноста на божиќните базари во Германија е особено чувствително прашање по смртоносните напади во Берлин во 2016 година и во Магдебург во 2024 година.
Во пресрет на празничната сезона, германските власти посветуваат особено внимание на спречувањето потенцијални безбедносни закани на местата каде што се собираат голем број граѓани.