Во Алејата на споменот и иднината во Кочани беа засадени лалиња во чест на 63-те жртви од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Во симболичната акција учествуваа семејствата на загинатите, членови на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 – Кочани“, холандската амбасадорка Узлем Џанел и претставници на Амбасадата на Кралството Холандија.
Покрај 63-те јавори, кои го симболизираат вечниот спомен на прерано згаснатите животи, напролет ќе процветаат и лалиња, како препознатлив симбол на Холандија, пријателството и солидарноста.
Во рамките на посетата, семејствата разговарале со амбасадорката за нивните барања и можностите за обезбедување дополнителна поддршка, со посебен акцент на изградбата на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“.
Холандската амбасада иницирала организирање настан на кој проектот ќе биде презентиран пред претставници на дипломатскиот кор и компании, со цел обезбедување финансиски средства и донации за неговата реализација.
Од Здружението предложиле во иницијативата да бидат вклучени и евроамбасадорот Михалис Рокас и претставници на други дипломатски мисии во земјава.
Семејствата изразија благодарност за континуираната поддршка, човечноста и солидарноста на Холандската амбасада.
„Нека секое расцветано лале биде потсетник на животите што никогаш нема да ги заборавиме и на љубовта што никогаш нема да згасне“, порачаа од Здружението.