Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева не е сместена во хашкото одделение. Таму е сместен Бојан Јовановски затоа што прв дојде откако му беше изречен притвор, вели директорот на затворот во Шутка, Есад Рахиќ.
– Тоа се шпекулации. Специјалната обвинителка не е сместена во хашкото одделение. Има повеќе блокови, хашкото е да речеме поизолирано. Господинот Јовановски е таму затоа што дојде прв. Да речеме „прв дојден, прв услуже. Госпоѓа Катица дојде подоцна и ја сместивме во другиот дел- вели Рахиќ.
Прашан какви се условите во хашкото одделение во споредба со останатите простории во затворот, директорот рече дека условите се речиси идентични. Рахиќ вели дека во хашкото одделение има и обични нормални осудени лица, исто како што има и вип личности во други одделенија. Тој додава дека вип категоријата или хашкото одделение не е такво како што го претставуваат.
-Се согласувам дека условите, не само во КПУ Скопје, односно затворот „Шутка“, се далеку од идеални, или далеку од она што треба да бидат. Меѓутоа, ако слушате некакви коментари дека одредени притвореници се искварцани, фризирани, набилдани, поправени и дека изгледаат свежо, не ќе да е така-рече Рахиќ.
Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец се осомничени за случајот „Рекет“ што го води Обвинителството за организиран криминал и корупција. Јанева и Јовановски издржуваат мерка привор во Казнено поправната установа Скопје, односно затвор „Шутка“, а Милевски со одлука на судот е префрлен во домашен притвор.