Асфалтиран е и последниот километар на патот Тетово- Попова Шапка.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со директорот на ЈП „Македонијапат“ Беким Мемеди и Министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима, Хисен Џемаили, ги инспектираа градежните работи.
„Денеска со задоволство, заедно со министерот но и истовремено и со директорот на ЈП Македонијапат, ја следиме реализацијата на градежните активности на патот Тетово- Попова Шапка. Оваа делница е многу важна не само за овдешните жители, туку и за развој на туризмот“, рече Бектеши.
Асфалтот е поставен, но осветлување нема, затоа граѓаните поставуваат јавното осветлување самоиницијативно.
„Единствената инвестиција по овој пат е и јавното осветлување во делот на влезот во Попова Шапка, благодарение на бизнисмените и жителите на Попова Шапка, кои со самоиницијатива почнаа да го комплетираат и завршат“, рече Хамди Сулејмани, од „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Директорот на ЈП „Македонија Пат“, Беким Мемеди, вели дека со овој проект не е предвидено јавното осветлување.
„Проектот е асфалтирање, тампонирање на патот и со проектот не е предвидено поставувањето на електричните столбови“, рече Мемеди.
Министерот, Хисен Џемаили, вели дека јавно осветлување треба да има и кај викендичките.
„Што се однесува до јавното осветлување, постоеше иницијатива од неколку бизнисмени кои поставиле електрични столбови на местата на претходните. Но, јавното осветлување кај викендичките е под надлежност на о. Тетово, каде со проектот за целосна рехабилитација на викендичките, предвидено е и јавното осветлување“, рече Џемаили.
При инспекцијата на градежните активности не беше присутна градоначалничката на Тетово, Теута Арифи. Контактиравме со нејзиниот кабинет, и ни рекоа дека денеска имала пренатрупана агенда и дека наскоро со министерот ќе ја посетат Попова Шапка.