Македонија

Средба Зеќири – Георгиевски – Ветуваат дека Идризово за три месеци ќе добие ново училиште

Со цел изнаоѓање на решение за учениците од Идризово да можат да ја следат наставата на нивниот мајчин јазик, во општината Гази Баба се сретнаа пратеникот Мухамед Зеќири, првиот човек на општината, Борис Георгиевски и претставник на родителите. По средбата, излегоа со предлог – во рок од три месеци да се изгради ново училиште за децата Албанци. Но, додека не се изгради новиот објект, учениците Албанци наставата ќе ја следат во други училишта каде што има настава на албански јазик.

Зеќири вети дека в сабота ќе отиде во Идризово и лично тој ќе им го пренесе предлогот на жителите.

Претставникот, кој дојде во име на сите родители, рече дека доколку навистина може училиштето да се изгради за три месеци, тогаш овој предлог за нив ќе биде прифатлив.

Контактиравме и со министерот за образование, Арбр Адеми, кој рече дека сѐ уште не добиле таков предлог. Пратеникот Зеќири рече дека ќе разговара и со министерот околу новиот предлог за изградба на училиштето „Његош“.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни