Премиерот Зоран Заев, синоќа во Њујорк се обрати на Генералното собрание на Обединетите нации. Додека тој зборуваше, за неговата сопруга, која беше во салата, поинтересен беше телефонот, отколку говорот на нејзиниот сопруг. Зорица Заев пребаруваше низ мобилниот, сѐ додека нејзината придружничка не ја опомена дека камерата е свртена токму кон неа. Во текот на говорот, Заев му се заблагодари на посредникот на ОН, Метју Нимиц, за неговата посветеност во изнаоѓање решение околу спорот за името, компромис од кој произлезе Преспанскиот договор.
-За да стигнеме до оваа пресвртница требаше добра верба и пред сè визија. Беа потребни и дипломатија, упорност и заемна доверба. Спогодбата има за цел да ја надмине историјата на недоверба и обременети односи, поставувајќи ги темелите за нова ера, ера на пријателство и идно партнерство-рече Заев.
Заев рече дека во многу блиска иднина очекува Македонија да стане членка на НАТО, но не спомнувајќи го декември како можен месец кога земјата би станала полноправна членка на Алијансата. Говорејќи за климатските промени, главна тема на Собранието, Заев рече дека е неопходно спроведувањето на Парискиот договор.
-Национално дефинираните придонеси се клучни за да се забрзаат активностите во однос на климатските промени. Република Северна Македонија ги зголеми националните придонеси според Парискиот договор, а истите се инкорпорирани како цели во нашите национални закони и политики.-рече Заев.
Премиерот меѓу другото ја нагласи и заложбата на Северна Македонија како сојузник во борбата против тероризмот, додека дезинформациите ги нарече опасни хибридни закана за иднината на демократијата. Присутни во салата беа и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, министерот за здравство, Венко Филипче и првиот човек за животна средина, Насер Нуредини.