Македонија

Бундестагот гласаше за отворање на преговорите: Македонија со безусловна поддршка, за Албанија 9 услови

Германскиот Бундестаг рече ДА за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија за пристапување во ЕУ.

Гласање за РСМ: 476 гласа ЗА, 122 против, 16 воздржани

Гласање за Албанија: 395 ЗА, 188 против, 16 воздржани

За Македонија 476 пратеници гласаа ЗА, а со значајно помалку гласови ЗА, односно, 395, за Абанија.

На покана на претседателот на Германското Собрание, процесот на гласање од близу го следеше вицепремиерот за Европски прашања, Бујар Османи, кој на Фејсбук се заблагодари додавајќи “Danke Deutchland”.

Гласовите на Бундестагот ја овластуваат Германската Влада на Европскиот Совет да гласа ЗА отворање на преговорите.

„Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе“, рече Заев.

Колегата на Заев, албанскиот премиер Еди Рама, не напиша ниту еден збор. Пред два дена на Твитер тој напиша “Тие што гласаа ПРОТИВ ќе се уверат со факти со секој чекор, дека Албанија заслужува почеток на преговорите.

Германското ДА за Скопје е без услови, но тоа не важеше и за Тирана. Албанија доби 9 услови, меѓу кои изборните реформи, подигање на вишото и уставното судство како и кривичните постапки за судиите и обвинителите кои не го поминаа ветингот. Тоа изгледа дека го револтираше албанскиот претседател Илир Мета.

„Сега итно да се работи на брзо решавање на тешката политичка криза и исполнување на 9 јасни критериуми. Ако ги слушаа нашите совети на време, денеска ќе имавме безусловна одлука ккао Северна Македонија. Сериозна заложба за Албанија да добие реална а не имагинарна можност! Честитки за Северна Македонија!“, рече Мета.

И комесарот за проширување, Јоханес Хан ја поздрави германската одлука

„Признавањето на конкретниот прогрес е клучен поттик за реформите на Западен Балкан и кредибилноста на ЕУ!“, напиша Хан.

Конечната одлука дали ќе започнат преговорите се очекува да се донесе во Европскиот Совет во октомври. Се уште не е познат конечниот став на Холандија и Франција, особено од Франција која изрази скептичност за проширувањето на ЕУ. Една земја кандидатка за да добие зелено светло за отворање на преговорите, треба да ги добие гласовите на 28 земји членки на Унијата. Доволен е еден глас против да пропадне шансата за преговори.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни