Секој вторник и петок, веќе 16 месеци по ред, поранешните работници на фабриката „Охис“ протестираат пред државните институции.
Денес се собраа пред Собрание барајќи да им се исплатат неисплатените плати откако фабриката отиде во стечај.
Маршираа до Министерството за правда.
Не излегуваат сите на протест, но тие кои ги сретнавме ни рекоа дека станува збор за околу 1000 поранешни работници, кои ги бараат неисплатените плати. Многумина досега им ги отвориле вратите, но никој не им го решил проблемот.
Тврдат дека се уште имаат надеж и дека ќе протестираат се додека не го добијат тоа што го заслужуваат.
Поранешните работници на Охис велат дека само Владата знае каде се парите, но од кабинетот на Премиерот, без да дадат детали, велат дека нивната институција ќе работи за остварување на нивните права.
„Беа контактирани институциите како Управа за финансиска полиција, ДКСК и Министерството за правда, коишто нѐ информираа дека ќе преземат сѐ што е во нивна надлежност, со цел да им се помогне во остварување на нивните права“, велат од Владата на РСМ.
На поранешните работници не им се исплатени 8 плати од 2008 и 16 плати од 2012 и 2013 година.