Откако истече ултиматумот од 72 часа, Скендер Бузаку почна со објавување, како што вели тој, на фактите и документи со компромитирачка содржина за Сулејман Реџепи. Го обвинува поглаварот на ИВЗ дека во изминатите неколку години сторил неколку криминални дела. Пред да им се обрати на медиумите, Бузаку влезе во Основното јавно обвинителство да ги достави документите.
Документите се однесуваат за Аџилакот од 2019 година кога, како што вели тој, Сулејман Реџепи ја злоупотребил службената положба и „испрал“ околу 700 илјади евра. Бузаку тврди дека ИВЗ плаќала такса за престој од 800 евра по аџија, преку приватна посредничка компанија иако таксата по аџија изнесувала 510 евра. Според Бузаку, на овој начин, Реџепи ги злоупотребил парите на верниците.
Бузаку вели дека ова не е единствен скандал на Реџепи, туку тврди дека истиот правел малверзации и со визите на аџиите.
ТВ21 се обрати до ИВЗ за обвинувањата кои ги изнесе Бузаку, но до овој момент немаме одговор. Рекоа дека во текот на денот писмено ќе испратат официјален став. Муамер Вејсели од ИВЗ вчера рече дека Бузаку доказите и фактите слободно може да ги испрати до надлежните органи.
Од, друга страна, во текот на вчерашниот ден, иако се обидовме, сепак не добивме став од поглаварот на ИВЗ за ултиматумот на Бузаку. Испрати само куса порака за медиумите.
„Не се занимавам со гејови. Тие треба да се подалеку од верските заедници“, рече Реџепи.
На оваа изјава имаше реакција од граѓански организации за ЛГБТ правата. Велат дека верските заедници работат со висок интензитет против правата на оваа заедница користејќи говор на омраза.