Македонија

Една недела до одлуката на европскиот совет – Пендаровски очекува позитивна одлука од Франција и Холандија

Остануваат уште само седум дена кога 28 земји-членки на ЕУ треба да гласаат во Советот – дали Северна Македонија и Албанија треба да добијат датум за старт на пристапните преговори.

По Германија, за Македонија се очекува позитивно мислење и од холандскиот Парламент, но постои страв дека глас „за“ нема да има и за Албанија. Ова го потврдува и Претседателот, Стево Пендаровски. Се очекува ставот на Франција да го соопшти лично Претседателот Емануел Макрон на 17-ти октомври, вели Пендаровски. Тој очекува позитивна одлука и од Франција, но ако некој има некаква дилема околу проширување, тогаш тоа се поврзува со внатрешните проблеми на ЕУ.

Што се однесува до гласините за блокирање од официјална Софија, Пендаровски вели дека е сигурен оти Бугарија нема да нѐ блокира со услови, сега во пресрет на одлуката на Европскиот совет. Прашањата меѓу државите останува да се разгледаат кон средината на следната година во рамки на преговорите.

28-те земји-членки на ЕУ се очекува на 15-ти месецов да ја изнесат својата одлука – дали Македонија и Албанија заслужуваат да ги стартуваат пристапните преговори.

Оној кој сигурно со најголем ентузијазам е во исчекување на одлуката е вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој секој ден преку неговиот Фејсбук профил потсетува уште колку дена остануваат до „големата одлука“.  По телефонскиот разговор со министерката за Европа и претставник на Франција во ЕУ, Амели де Моншален, Османи напиша дека „преговорите на Северна Македонија со ЕУ претставуваат можност да се покаже на дело кредибилноста на европската перспектива во регионот, испраќајќи јасен сигнал до сите земји од Западен Балкан.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни