Македонија

Верушевски го „амнестираше“ Мијалков – „Груевски е организатор на масовното прислушување“

Никола Груевски, Горан Грујевски и Никола Божиновски кои се во бегство, се главните виновници за илегалното прислушување на комуникациите во период од 2008 до 2015, обвини екс директорот на УБК, Зоран Верушевски. Во својот исказ тој потврди дека основната документација и целосната содржина на бомбите ги поседуваат лицата кои во моментов се во бегство.

Одговарајќи на прашањата на обвинителката Ленче Ристоска, Верушевски го обвини СЈО поради тоа што не обезбедило присуството на тие што се во бегство, бидејќи како што вели, кај нив е целата вистина за прислушувањето. Верушевски меѓу другото додаде дека првообвинет во случајот треба да биде Никола Груевски, а не Сашо Мијалков, бидејќи како што тврди, Груевски бил организатор на проектот за следење на комуникациите само поради неговата желба да остане на власт.

На крајот на рочиштето Верушевски не сакаше да го коментира својот исказ, но доколку е потребно рече дека ќе свика прес конференција за да разјасни што рекол пред судијата. Ниту Сашо Мијалков не сакаше пред камера да го коментира исказот на Верушевски. Зоран Верушевски денеска требаше да одговара на прашањата на првообвинетиот, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков и неговите адвокати, но одбраната немаше прашања за сведокот. Се очекува на 24 октомври во улога на сведок исказ да даде и премиерот Зоран Заев. Предметот “Таргет – Тврдина“ е еден од предметите на СЈО во кој треба да се утврди кој нелегално прислушувал на 20 илјади граѓани преку системите за следење на комуникациите во УБК без судски налог.

РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни