Македонија

Меркел: Се исплати на Северна Македонија да и се даде европска перспектива, но шансите не се добри

Шансите за постигнување согласност на Самитот на ЕУ за давање датум за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија не се добри, оцени германската канцеларка во владината изјава дадена денеска во Бундестагот, пренесува Дојче Веле.

– Ние имаме одговорност кон овие држави. Мислам дека се исплаќа на Северна Македонија и на Албанија да им се даде европска перспектива, рече Меркел.

Пред почетокот на денешниот лидерски самит на ЕУ во Брисел, канцеларката Меркел во германскиот Парламент даде владина изјава, а на самиот почеток се осврна и на темата проширување на ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

Во изјавата додава дека во меѓувреме се изградени мостови кон ЕУ-партнерите, кои се уште имаат задршки кон почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и инсистираат на  поголема транспарентност на процесот на проширување, но сепак, како што вели, шансите за постигнување согласност на ЕУ-самитот не се добри.

– Германија чувствува посебна приврзаност кон земјите од Западен Балкан и сака да ги приклучи кон ЕУ, истакна Меркел, според која приемот на земјите од Балканот е во интерес на Германија и на самата ЕУ.

Посочи дека земјите од ЕУ мора да опстојат на дадените ветувања кон овие земји, зашто тоа ќе значи и обезбедување стабилност и благосостојба на самата ЕУ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни