Политичките партии со поделени ставови за пописот на населението. Предлог законот се уште не е поминат во матичната комисија во Собрание бидејќи првата седница се одложи. Опозицијата вели дека заедно со пописот треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Пратеникот Илија Димовски рече дека оваа власт нема капацитет за спроведување на пописот.
Пратеникот на Движење Беса, Фадиљ Зендели вели дека одржувањето на предвремени избори ќе влијае на датумот за реализирање на попис на населенито.
Одржувањето на предвремени избори со сигурност ќе влијае на реализацијата на пописот на населението. Треба да се има предвид дека околу пописот нема консензус меѓу политичките партии и тоа влијае и на датумот за спроведување на пописот.
Движење Беса, има јасен став за кој јавноста е известена, Пописот на населението на РСМ не е само статистичка операција туку е уставна и законска основа за реализирање на етничките права на заедниците.
Со различен став од колегите од опозицијата се пратениците од мнозинството, тие велат дека попис ќе има и доколку има предвремени избори.
Пописот на населението се предвидува да се одржи од 1 до 21 април идната година додека граѓаните кои живеат надвор од земјава ќе може да ги попише некој ним близок или пак лично во електронска форма почнувајќи од 1 март, еден месец пред пописот во земјава.