Премиерот Зоран Заев, повтори дека негативната одлука на Европскиот Совет дојде од Франција и потребата за внатрешни реформи во ЕУ, а не поради неисполнувањето на барањата од страна на Скопје.
Напредокот на Македонија и Албанија го призна и францускиот претседател, Емануел Макрон, кој рече дека двете земји спровеле клучни реформи и направиле длабоки промени за кои е потребна храброст.
„Франција гласаше против, не за да каже дека не се спроведени реформите или дека нема напредок, но првично да кажеме дека немаше напредок во сите области“, рече Макрон.
Откако кажаа дека нема напредок во сите полиња, Макрон повеќе внимание посвети на внатрешните реформи кои и се потребни на ЕУ, конкретно за начинот на преговорите.
„Нови преговори треба да има, но тоа не значи проширување. Тоа треба да ни биде јасно на сите. Секое ново членство треба да се случи откако ќе се спроведат реформите. Но, за да се отворат нови преговори, треба да се реформираат правилата за проширување“, вели Макрон.
Се уште не е јасно дали главната пречка за недобивањето датум е барањето за реформирање на преговарачкиот процес или нецелосното спроведување на реформите во Македонија. Претседателот на Франција е скептичен за проширувањето на Унијата.Нејасен со изјавата беше и францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, кој зборуваше за одлуката на неговата земја. Тој рече дека Скопје не направило колку што треба за техничката агенда, а потоа додаде дека Макрон ги признава реформите и дека се може да се очекува на Самитот во Загреб.
„Мислам дека ништо не е затворено и ништо не беше затворено на неговата прес-конференција. Пред нас е Загребскиот самит што треба да се случи за скоро време и за кој Франција веќе почна со работа зашто знаеме дека проблемот не е со прст да биде посочена С. Македонија зашто самиот Макрон ги призна реформите што беа спроведени и треба кажеме дека и вие треба да бидете спремни, но и ние треба да бидеме спремни“, рече Тимоние.
Премиерот додаде дека работата на патот кон ЕУ треба да продолжи, бидејќи според него, тоа може да придонесе земјите членки да ја поправаат неправдата и грешката која и ја нанесоа на Македонија. Заев повтори дека Македонија сака да стане членка на европските структури бидејќи нема друга алтернатива.