Македонија

Земјоделците со трактори пред Влада, протестираат за субвенциите кои не им се исплатени

Блокирани улици. Полиција распоредена пред владината зграда. Го чекаат протесниот марш на земјоделците револтирани поради ненавремената исплата на субвенциите од Владата. Земјоделците го прекинаа протестот кај старата автобуска станица. Како што велат, полицијата не им дозволила да поминат бидејќи биле со трактори полни со овошје и зеленчук. По неколку минути, откако се симнаа од тракторот, насобраните демонстранти го продолжија маршот кон Владата, барајќи оставка од премиерот Зоран Заев.

Министерот за земјоделство, Трајан Димковски, вчера рече дека протестот има политичка позадина и дека го организирала опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Додава дека исплатата веќе започнала и дека досега се чекало на ребалансот на буџетот. Демонстрантите негираат дека протестот е организиран од ВМРО-ДПМНЕ, а како доказ за тоа, дури извадија и членски книшки од СДСМ, иако меѓу нив имаше доста кои беа облечени со маици и носеа капи со лого на опозициската партија.

На протесниот марш, поплаки за ниските откупни цени имаа и лозарите, овоштарите и тутунарите. Побараа средба со Заев и му дадоа ултиматум од 7 дена, инаку како што велат ќе ги радикализираат протестите и ќе ги блокираат автопатите.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни