Македонија

Заев скептичен за платата од 100 илјади денари за специјалистите: „Барањето во моментов преамбициозно“

Владата има рок уште два месеци да го исполни даденото ветување за 100 денари основна плата за лекарите специјалисти. Овој услов го добија од Независниот синдикат на Клинички центар, но и тоа е периодот до кој ќе можат да ги исполнуваат своите ветувања во предизборниот период, бидејќи потоа во јануари треба да се формира техничка влада.

Иако постојано најавуваше дека специјалистите ќе имаат основна плата од 100 денари до крајот на мандатот на оваа влада, премиерот Зоран Заев сега е скептичен. Вели дека таквото барање во моментов е преамбициозно.

За волја на вистината ветувањето беше дека ова ќе се реализира до крајот на мандатот, а со оглед на тоа дека се распишани предвремени избори и дека треба да се формира техничка влада, истото не може да се реализира.

Иако знаат дека временскиот период е мал, сепак Независниот синдикат на Клинички центар бара до крајот на годинава платите на специјалистите да бидат 100 илјади денари. Пред неколку дена првиот човек на синдикатот Горан Беговиќ изјави дека ветување е ветување и треба да биде исполнето, во спротивно на изборите, оваа политичка гарнитура нема да ја добие поддршката од членовите на Синдикатот.

Од Синдикатот најавуваат дека доколку не добијат плати од 100 илјади денари и доколку нема двојно покачување на останатите здравствени работници, ќе одржат штрајк. Инаку, годинава платата на лекарите беше покачена за 15%.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни