Македонија

До каде е постапката за училиште во Визбегово? Салиу: При крај сме со документацијата

Постапката за комплетирање на документацијата од страна на општина Бутел за изградба на училиште во Визбегово е при крај, вели советникот Наим Салиу. Според него, до крајот на неделава ќе биде изготвена целосната документација и, како што вели, ќе остане само градоначалникот да потпише за градежната дозвола.

-Со оглед на тоа што Катастарот даде позитивно мислење, градоначалникот ќе треба да потпише. По ова и ние како Совет и Општина ќе потпишеме, а потоа градоначалникот повторно треба да потпише за дозволата за градење на училиште во Визбегово. Сите законски постапки за архитектонско-урбанистички план се при крај и мислиме дека до крајот на месецов ќе бидат завршени-рече Салиу.

Од друга страна пак, министерот за образование Арбр Адеми, пред две недели изјави дека од нивна страна како Министерството сѐ е подготвено и дека веднаш по усвојувањето на постапките во општина Бутел, ќе распишат тендер за изградба на ново училиште.

-Во тек се постапките за дозвола за изградба. Драго ми е што општина Бутел реагираше и е во финална фаза урбанистичко – архитектонскиот план и се надеваме што поскоро да добиеме градежна дозвола и веднаш ќе објавиме тендер за изградба на основно училиште во Визбегово. Средства има, средства се доделени во 2018 и во 2019, имаме средства за финансиска поддршка за изградба на ова училиште-вели Адеми.

За 10 дена треба да се финализираат сите законски постапки од страна на општина Бутел за изградба на училиште во Визбегово. Се очекува и дозволата за градба која треба да ја издаде Катастарот. Секторот за урбанизам во Бутел спроведува анкета со граѓани околу тоа дали имаат некоја забелешка околу изградба на училиштен објект. Анкетата ќе трае 5 дена, по што се очекува да биде издадена и градежната дозвола.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни