Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека е нелогично и непроцедурално Општина Гостивар да го промени мислењето од пред една година за давање концесија за рудникот во Чегране, бидејќи, како што вели, Владата веќе донела одлука за издавање дозвола.
-Општина Гостивар, и не само таа, туку никоја институција не може да го промени мислењето, откако веќе се донесени одлуките-вели Бектеши.
Бектеши тврди дека доколку се укине одлуката, може да дојде до кривична пријава.
– Г.Таравари, општина Гостивар и службите на општината кои изготвуваат ваква дописи, треба да имаат предвид дека доколку се носат вакви еднострани одлуки, ќе има тужби од страна на концесионерите, кои се потпираат на нивните бизнис планови-рече Бектеши.
Првиот човек на Гостивар, смета дека нема да има последици, а уште помалку кога работите сѐ уште не започнале на терен. Доколку има, подобро да плати државата, отколку да се оштетат граѓаните, додава тој.
-Никаква последица нема да има. Но, и кога би имало, подобро да се одразат врз Министерството, а не врз граѓаните. Локалната самоуправата строго е против давањето концесија. Тука ќе настанат сериозни проблеми. Доколку е потребно, подобро Министерството да плати некоја казна, отколку да има проблем со граѓаните од населени место со над 10 илјади жители.
Доколку треба да се плати некаква глоба, тоа ќе се биде разгледано и во општина Гостивар, тврди Таравари.
За давањето концесија за експлоатација на минералната суровина – варовник со локација во гостиварското село Чегране, општина Гостивар досега трипати се премислуваше.
Во 2014 година, тогашниот градоначалник, Невзат Бејта даде позитивно мислење.
Сегашниот градоначалник, Арбен Таравари, на 2-ти октомври 2018 година, даде негативно мислење, но по еден месец се премисли и даде позитивен одговор.
Вели дека тоа го направил во консултација со локалната заедница на Чегране, која според него, изјавила дека има простор за преговори, па затоа, како што објаснува, дал позитивно мислење.
По една година, на 25-ти октомври 2019 година, општина Гостивар повторно се премисли и побара од Владата да ја укине концесијата. Ваквиот чекор доаѓа по реакцијата на жителите и нивната петиција, објаснува Таравари.
Од друга страна, министерот за економија, вели дека е чудно, бидејќи и во последното позитивно мислење од 2018 година, пишува дека е дадено согласно ставот на жителите. И министерот Бектеши, и градоначалникот Таравари, изразија подготвеност да седнат заедно со жителите и да изнајдат конечно решение.