Вашата горчина и разочарување се и наши бидејќи убедени сме дека имаме заедничка иднина во Европската унија, порача Сасоли од собраниската говорница, кој додаде дека разочарувањето треба да биде надминато со храброста што поскоро д се дефинира просторот на Европската унија и на Западен Балкан. Им порача на граѓаните да не жалат за промената на името бидејќи очекува наскоро да почнат преговорите.
-Вие направивте голем напор, дури го сменивте името, уставното име на државата. Немојте да жалите поради тоа што сте го направиле, немојте да жалите. Разочарувањата кои што се произведе во Северна Македонија и во Албанија не треба да не придружуваат, треба да бидат надминати, треба да бидат надминати со храброст бидејќи имаме потреба да го дефинираме што е можно подобро просторот на Европската унија. Знаеме дека Западниот Балкан е во тој простор, имаме заедничка историја, имаме заедничка традиција , имаме заеднички чувства.-рече Сасоли.
По обраќањето Сасоли и претседателот на Собранието Талат Џафери одржаа заедничка прес конференција. Џафери рече дека и покрај тоа што не добивме датум за старт на преговорите нашата земја нема сомнеж за патот по кој треба да оди и за реформите што треба да ги спроведе. Тој му заблагодари на Сасоли за силната поддршка за евроинтеграциските процес.
-Разговаравме со претседателот Сасоли за разбирливото разочарување од недоделувањето на датум за преговори на Северна Македонија и Албанија и за тоа дека Унијата не успеа да го исполни ветувањето кое всушност ќе значеше испраќање силна порака за сите земји во регионот. Идните чекори би требало да бидатљ во насока на коригирање на оваа неправда и, судејќи по охрабрувачките зборови на претседателот Сасоли меѓутоа и на сите релевантни чинители, очекувањата од Самитот во мај се дека оваа историска грешка ќе биде поправена-рече Џафери.
Сасоли пак рече дека непочнувањето на преговорите не е историска грешка, туку како што истакна, тоа е само еден застој за кој рече дека очекува набргу да биде надминат.
-Не беше кажано Не, туку само беше одложено донесувањето на одлуката. Да не запреме бидејќи треба да продолжиме, а исто така треба да продолжиме и со реформите. Господине претседателе имаме пат што треба да го изодиме заедно и иднина што треба да ја напишеме заедно-рече Сасоли.
Обраќањето на Сасоли новинарите не можеа да го следат од галеријата каде беше сместен дипломатскиот кор. Потоа и на заедничката прес конференција со претседателот на Собранието Талат Џафери, не беше дозволено да се поставуваат прашања. ТВ21 праша зошто тоа не е дозволено, од службите рекоа дека Сасоли по прес конференцијата веднаш заминува и брза на аеродром.