Македонија

Една изборна единица на следните избори? Мицкоски и Ахмети не дојдоа на дебатата

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на ДУИ Али Ахмети не присуствуваа на средбата на партиите на која се дискутираше за измени на Изборниот законик односно за една изборна единица и отворени листи. Покрај нив не учествуваа ниту пак испратија свој претставник од Алијанса за Албанците и Беса. По оваа средба беше договорено на следните избори да се оди со една изборна единица, а листите да се отворат на локалните избори во 2021 година.  Лилјана Поповска кој е иницијатор на оваа средба рече дека доколку предлогот не помине, помалите политички партии нема да го гласаат законот.

„Сите сме сложни да бараме една изборна единица и да не го гласаме Изборниот законик доколку тоа не стои во следните измени. Понатаму се согласивме дека ќе бараме внесување во Изборниот законик на отворени листи и еднаков број жени и мажи за локалните избори“, вели Поповска.

Премиерот Зоран Заев рече дека со ваквите измени на Изборниот законик ќе се намали клиентелизмот, партиите ќе се демократизираат, а исто така и ќе се укине бипартизмот со тоа што помалите политички партии ќе имаат поголеми шанси на изборите. Но дали може да се изгласа закон доколку не биде постигнат консензус од сите политички партии бидејќи и коалицискиот партнер ДУИ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат за една изборна единица.

„Секако дека може. Убаво е да се донесе со консензус, тогаш се сите на сигурно и сите стојат позади тоа но никој не му брани на парламентот да направи исчекор и да носи гласови. Секако не знам дали за изборно законодавство има Бадентер, веројатно има, но ако се избројат 61 пратеник кои што ќе стојат позади една таква иницијатива и има мнозинство од помалкубројните етнички заедници во државата уставниот и законскиот услов е исполнет“, изјави Заев.

На средбата присуствуваше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова, но таа рече дека не ги претставува ниту Христијан Мицкоски, ниту нејзината партија.

„Каков модел ќе изберат сега граѓаните, таков модел на владеење ќе изберат после овие избори. Затоа јас апелирам. Може сите да не се согласат со мене, нормално овде очигледно не делам со никого ист интерес а најмалку со луѓето од мојата политичка партија дека тие се за некој мнозински модел од 120 изборни единици кои што реално никаде во светот, многу малку го имаат слушнато, а не знам ни кој го применил.“, рече Рангелова.

ТВ21 ги праша и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ зошто и покрај поканата до лидерите на партиите Мицкоски и Ахмети не присуствуваа на оваа дебата.

„Тоа прашање се отвори на лидерската средба на која се беше договорена динамиката во која ќе се движат натаму разговорите за Изборниот законик“, вели портапоролот Наум Стоилковски.

„Не дојдовме бидејќи таква проценка донесовме. Ние учествуваме во дебатата на работната група во рамките на Министерството за правда и таму дискутираме за измените“, изјави Груби.

Иницијативата која претходно ја потпишаа 12 партии , сега се зголеми на 15 главно од помалите политички субјекти.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни