Премиерот Зоран Заев е домаќин на трилатералната работна средба на лидерите од Западен Балкан што денеска ќе се одржи во Охрид. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама.
Агендата предвидува во Охрид да се одржи работен состанок на кој покрај тројцата лидери ќе учествуваат уште и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.
По средбата ќе следи пленарна сесија на лидерите од Западен Балкан со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европската банка за обнова и развој, Регионалниот совет за соработка, Европската комисија, Светската банка и Европската инвестициона банка. По работните состаноци најавена е и прес-конференција на лидерите на Западен Балкан.