Вработените во судската администрација ги напуштија канцелариите и излегоа на протест. Го изразија незадоволството од одлуката на Судскиот буџетски совет за нерамномерно зголемување на додатоците на плата за судиите и судските службеници.
-Како административец работам веќе 8 години. Платата сѐ уште ни е 16 илјади денари. Имавме покачување само 5%. Кај нас секоја година треба да има покачување од 5%, но ништо од тоа. Нормално потребни ни се и услови. Јас работам во Архива, а со решението за работа сум како административец-вели еден од демонтрантите.
На протестот му се приклучија сите судски службеници во земјата, кој исто така се однесува и на неносењето конечна одлука за исплата на платите за дел од вработените што учествуваа во штрајкот во 2016 година.
Со демонстрантите се солидаризираше и првиот човек на Кривичен, Иван Џолев. Тој уверува дека и покрај протестот, работата во судот продолжува без застој. Џолев се надева дека сите примања на судските службеници ќе се зголемат и дека ќе се изнајде заедничко решение.
Согласно одлуката на Судскиот буџетски совет и проценките на Синдикатот, судиите земале додатоци на плата од 6 до 9 илјади денари, а судската администрација од 750 до 1.000 денари.