Македонија

Недостиг од канализација во Боговиње, граѓаните се жалат: Очекуваме општината да преземе мерки

Канализација е најголем проблем за жителите на Боговиње. За ТВ21 велат дека најголемите последици ги плаќаат самите селани поради штетата на плодната почва. Други пак велат дека поради недостиг од канализација, отпадните води ги насочуваат во јами кои самите ги копаат за чие чистење треба да плаќаат секој месец.

ИЗЈАВИ ОД ЖИТЕЛИТЕ НА БОГОВИЊЕ:

„На селото му треба канализација. Очекуваме општината да преземе мерки, бидејќи на селото му треба тоа. Отпадните води одат во јами. Цело село е со јами. Но се надеваме дека во иднина ќе ни се реши овој проблем како што им е решен на другите.

Ни јас не знам каде оди овој брод. Имаше таква една песна во Југославија “Куда плови овај брод“, не знам во кој правец оди државава. Што ќе прави, како ќе прави, за канализацијата ниту едно прашање нема веќе долго време. Потребни се големи инвестиции. Овде треба да помогне некој од надвор, или со ИПА фондовите да помогнат па да имаме канализација.

Никаде нема воопшто канализација. Правевме јами,кога ќе се наполнат тие ги чистиме со цистерни. На селото му е неопходна канализација. Чистењето зависи од местото. Ако поблиску до подножјето, чини 300 денари месечно.

Како прво треба да се направи заради отпадните води, бидејќи отиде полето, отиде се. Отпадните води истекуваат во бунарите бидејќи тие се подлабоки и се исфрлени од употреба.

Ние плаќаме придонеси, но државата не се интересира да направи канализација. На македонските села со по 20 куќи им направија канализација а нам бидејќи Албанци и бидејќи сме неколку илјади, нам не ни прават бидејќи самите си плаќаме. Велат – имате пари, таму е Америка.“

Од општина Боговиње за ТВ21 велат дека за овој проблем директно е известен премиерот Заев во текот на владината седница одржана во Тетово.

„Општина Боговиње поседува техничка документација за канализација за сите населени места. Целосната вредност за реализација изнесува околу 10 милиони евра. Почнувајќи од минатата година, аплициравме на сите јавни повици за оваа категорија инвестиции, аплициравме на сите нивоа на централна власт, но до денес немаме одговор.“, велат од Општина Боговиње.

Проектот за изградба на канализациона мрежа во Боговиње и околните села како приоритетна програма постои и на официјалната страна на партијата на Премиерот. Освен канализација, на службената страна на СДСМ за оваа општина се наведени уште два проекта, проширување и реконструкција на патот Камењане– Урвич како и асфалтирање и поврзување на населените места Урвич и Јеловање.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни