Во оваа куќа која служи како прифатилиште за малолетни лица кои биле во допир со законот, живеат три деца на возраст од 12, 13 и 14 години. Нив денеска ги преместија привремено на друго место, бидејќи пред куќата протестираа неколкумина граѓани. Десетина жители на Визбегово бараат дислокација на прифатилиштето “Ранка Милановиќ“. Тие се жалат дека неколку пати доцна навечер биле вознемирувани бидејќи овие деца им тропале на вратите од нивните домови.
На прашањето дали некогаш се случило нивните деца да бидат нападнати од овие деца, еден од демонстрантите рече дека такво нешто до сега не се случило.
Директорката на Домот вели дека децата не му прават лошо никому и упати апел до демонстрантите да размислат против кого протестираат.
Еден од одговорните во Домот, Владимир Караев рече дека е срамно тоа што нашето општество не ги сака и не ги прифаќа оние на кои сме им потребни.
Инаку жителите најавија протест пред Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. Директорката на Домот рече дека ќе продолжи да контактира со жителите за да најдат заеднички јазик за и овие три деца да можат да се социјализираат со околината.
Според Правилникот овие деца имаат право самите да излегуваат од Центарот и да шетаат. Прифатилиштето има капацитет да смести само 5 деца.