Македонија

Нови рочишта за Титаник, Т.Н.Т., Ласкарци и Маџар Телеком

Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје се закажани нови рочишта за предметите Титаник, Т.Н.Т.,  Ласкарци и Маџар Телеком.

Судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари годинава во која загинаа 16 лица се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со сослушување на вештак од ФЕИТ. За автобуската несреќа обвинети се шест лица.

Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Дарко Јакимовски.

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со сослушување на сведоци, предложени од обвинителството. Предметот го води судијата Осман Шабаниа, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком” го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната. Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.

Предметот „ТНТ“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми.

За уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни