Покрај тоа што пунктовите на Итната медицинска помош (ИМП) не функционираа поради недостиг на кадар, времето на чекање во Скопје не е подолго од 15 минути за интервенција на екипа од брзата помош, но тоа време дополнително ќе се скрати сега откако веќе се примени патронажните сестри и доктори во рамките на Здравствениот дом, не само во Скопје, туку насекаде во државата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Во овој момент тие прават планови и распоред како ќе бидат физички распределени и во тие пунктови кои сега не функционираат, а ние во овој период од 60-тина дена кој следи ги очекуваме дополнителните седум возила. Значи освен со кадар и со возила ќе се зајакне капацитетот на ИМП. Верувам дека во следните месеци сликата ќе биде драстично различна, истакна Филипче.
Тој посочи дека Службата за Итна медицинска помош сосема коректно функционира и во сегашни услови со новите возила кои веќе ги имаат од претходната набавка.
– Пред се тука мислам на Здравствениот дом Скопје заради тоа што нивниот капацитет двојно се зголеми – освен шесте возила со кои располагаа, сега имаат и дополнителни шест возила, имаат доволен број вработени во редовна постапка, но и патронажни сервиси, рече Филипче.
Појасни дека се уште не се пренаменети возилата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за транспорт на пациенти.