Премиерот Зоран Заев не откри како ќе реагира Северна Македонија кон Бугарија, во однос на тоа што бугарската Академија на науки го оцени македонскиот јазик како дијалект на бугарски.
Бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, денеска рече дека изјавата на бугарскиот Парламент е официјалниот став на Бугарија.
„Официјалниот став на Бугарија е изјавата на парламентот. Поофицијален став од тој нема.“, рече Ангелов.
Бугарското собрание во октомври ја усвои Повелбата за целосна поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, но со услов државата да исполни серија услови кои се однесуваат на историјата и јазикот. БАН на вонредна седница го усвои ставот дека македонскиот јазик не постои и е само „регионална литературна норма“ или „дијалект на бугарскиот јазик“. Овој став на Бугарската Академија следи како реакција на објавувањето на повелбата за македонскиот јазик на МАНУ. За намалување на тензиите, претседателот на Македонската академија, Таки Фити рече дека не сите членови на БАН се согласуваат со ставот дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик.