Од 1-ви јануари наставниците и професорите ќе земаат плати повисоки за 10%, согласно Спогодбата која беше потпишана меѓу Синдикатот на образование, наука и култура и Министерството за образование. Според првиот човек на Синдикатот, Јаким Неделков, овој договор отвора нова рунда преговори, кои ќе бидат фокусирани на постигнување колективен договор за нивелација на платите на просветните работници во високо образование.
Министерот Адеми вети дека разговорите ќе продолжат.
Но, Зоран Заев, кого го делат уште само неколку дена од заминување од премиерската функција, остави аманет – договорот да се постигне до април, кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори.
Согласно постигната спогодба, од 1-ви јануари повисоки плати за 10% ќе земаат над 32 илјади просветни работници. Договорот е резултат на неколкумесечни разговори и предупредувачкиот штрајк кој се одржа на 2-ри септември. Иако на почетокот СОНК бараше 25%, сепак, по преговорите со Владата попушти и прифати покачување на платите за 10%.