По неуспехот за добивање датум за преговори два пати во 2019 година, 2020 година му дава нова надеж на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Според комуникациите со европските службеници, до крајот на јануари се очекува Европската комисија да предложи нова методологија за преговори, а во февруари да излезе со вонреден извештај за Северна Македонија и Албанија, кој ќе служи како основа, Европскиот совет на Самитот на 26 март да донесе позитивна одлука за датум.
„Се надеваме дека ќе заврши за толку, дека врз основа на овој вонреден извештај во февруари, на методологијата во јануари, во март ќе има одлука за почеток на преговорите. Доколку ова не се случи, тогаш во мај следува Самитот во Загреб, кој што е повеќе церемонијален отколку одлучувачки. Друга опција останува јуни кога е Самитот на Европскиот совет. Ова се циклусите на носење одлуки во ЕУ. Ние работиме за првата верзија, но како што кажав по тоа што се случи во октомври, се земаме со резерва“, рече Османи.
За разлика од Османи, Милошоски, поранешен министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека позитивни движења во насока на евро интеграциите ќе се случат на есен, откако новата влада ќе го консолидира програмата за реформи.
„Вицепремиерот Османи тврди дека донесувањето на Законот за ЈО ќе придонесеше да има реални можности за датум на пролет. Законот не е услов за добивање датум, но впечатоците на земјите членки кои комесарот ги пренел на Османи, се дека усвојувањето на законот е во интерес на позитивна одлука“, изјави Милошоски.
„Затоа, ние немаме 2/3 од пратениците и сме обврзани да бараме поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, затоа овој мој апел да најдеме можност, можеби не за сите работи во врска со реформите, се до распуштање на Парламентот да го усвоиме законот за ЈО. Ова ќе ни создаде можност на пролет да го затвориме прашањето за добивање датум за преговори.
Но, сигналите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за законот за ЈО не се позитивни“, вели Османи.
И покрај чистиот и позитивниот извештај на Европската комисија дека Северна Македонија е подготвена да ги отвори пристапните преговори, Европскиот совет на двата самити во 2019 година не успеа да гласа „за“.
Во јуни поради германскиот Бундестаг немаше можност да се разгледа и изгласа извештајот, а во октомври Советот немаше едногласност за да даде датум на Скопје и Тирана. Една од земјите членки која јавно излезе против проширувањето беше Франција, при што претседателот Емануел Макрон, побара промена на методологијата за преговори.