Македонија

Најлоша Влада досега – Не склучила ниту еден трговски договор со друга земја

По направена анализа на податоци добиени од Министерството за економија, Владата предводена од Зоран Заев била најлоша во соработката и склучување на трговски договори со останати европски земји.

„Во период од мај 2017 година до јануари 2020 година, односно 2,5 години Влада на Зоран Заев не е склучен ниту еден трговски договор. За разлика на ова, во период од ноември 2014 до април 2018 година, односно 2,5 години од владата на Никола Груевски склучени биле 6 договори и тоа со Израел, Данска, Србија, Емирати, Саудиска Арабија и Виетнам“, вели новинарот на ТВ21, Јовица Пауноски.

Според истражувањето, резултатите на сегашната влада на СДСМ се најлоши од осамостојувањето на Македонија. Подобри резултати сме имале дури и во првите две и пол години од нашата независност.

„Во периодот јануари 1991– јуни 1993 година тогашниот државен врв успеал да потпише два трговски договори, од кои еден со Словенија во февруари 1992 и еден со Русија во мај 1993година“, додава Пауноски.

Го прашавме и Министерот за економија зошто состојбата е ваква, но тој рече дека Владата на Заев веќе заминала, а се разговарало за нови трговски договори.

„Владата на Заев замина, бидејќи сега имаме техничка влада која е предводена од премиерот Спасовски. Ние секако разговараме во однос на трговските договори со други земји, имајќи предвид дека над 90% од трговски односи имаме со ЕУ и тоа го направивме во минатото“, истакна Крешник Бектеши, Министер за економија.

„Многу е важно идната влада, да не ги повтори грешките на актуелната Влада и да работи на склучување на нови трговски договори со земји од Европа и Светот. На овој начин ќе обезбедиме поголема побарувачка на македонските прозиводи во странство. Поетини странски продукти во Македонија и повеќе инвестиции во нашата држава“, вели Филип Ивановски, Магистер на Универзитетот во Торонто.

„Вкупно гледано, најголем број на трговски договори биле потпишани во времето на предходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно во периодот од 2006 до 2017 година, кога тогашната власт потпишала рекордни 45 вакви договори. Најдобар резултат сепак има владата на Љубчо Георгиевски, која во периодот 1998–2002 година, во просек склучила по 8 трговски договори на година што е многу повеќе од која било друга македонска влада досега“, додава новинарот Пауноски.

Трговски договор е спогодба која ја унапредува трговијата помеѓу две или повеќе земји, односно ја олеснува меѓународната размена на стоки, услуги и капитал. Праксата познава повеќе видови на трговски договори, притоа скоро и да нема држава во светот што не склучила ваков договор.

Македонија има слободна трговија со членството во ЦЕФТА, односно меѓу државите БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Молдавија. Тоа е планирано да се засили и со т.н „Мал Шенген“.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни