Македонија

Ќе се донесе ли Законот за ЈО пред избори – Пораката на Вархеји не ги освести политичките партии

Јасната порака на новиот еврокомесар Оливер Вархеји дека клучно прашање во отворањето преговори со Европската унија за нашава земја е донесувањето на законот за Јавното обвинителство и тоа од актуелното парламентарно мнозинство се чини не ги помести ниту власта ниту опозицијата. Вицепремиерот Бујар Османи рече дека очекува партиите да постигнат договор и наскоро да биде изгласан законот.

„Последното парче од мозаикот, односно клучот за отворање на оваа врата а тоа е законот за јавно обвинителство е закон кој што мора да го гласаат сите политички партии. Ова е добра можност придобивките, односно да бидат вклучени сите политички партии во изгласување на овој закон и со тоа во отворање на вратата за започнување преговори и ја користам оваа прилика да ја повикам опозицијата да овозможиме лесно започнување преговори уште оваа пролет“, истакна Бујар Османи, вицепремиер.

Вчера Вархеи имаше одвоени средби со лидерите на партиите на кои главна тема била токму деблокирањето на овој закон, а за ова се разговарало и на средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери. Џафери вели дека нема појасна порака од онаа што ја пренесе еврокомесарот но на партиите е дали сериозно ќе ја сфатат. Рече дека бил прашан од Вархеи дали Собранието ќе може да го усвои законот до февруари.

„Одговорив потврдно да, доколку се надминат разликите кои што ги имаат политичките партии затоа што треба да се обезбедат 80 гласови за да се изгласа. Имаат време, може тоа да го направат, нека го направат процедурата чека. Собранието е во постојано заседание. За собранието нема никаква пречка да работи и дење и ноќе но тоа да резултира со соодветна одлука и со соодветно решение“, вели Талат Џафери, Претседател на Собрание.

Партиите имаат помалку од еден месец за конечно да се усогласат и да го донесат законот, но сепак и од власта и од опозицијата ги слушаме истите изјави дека се подготвени да го усогласат и меѓусебни обвинувања дека другата страна не е заинтересирана за тоа.

„Нашата идеја уште од февруари минатата година беше јасна дека е добро предлог законот усогласен помеѓу СДСМ и ДУИ да се испрати до Венецијанската комисија како највисоко стручно правно тело во Европа и да се добие мислење по однос на тој предлог текст кој што ние заеднички би го прифатиле без да спориме која политичка партија е повеќе или помалку е во право. Тоа наше барање беше одбиено од министерката Дескоска“, изјави Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека кај нив има иницијатива за носење на законот, а од Министерството за правда истакнуваат дека законот е пуштен во Собранието и упати апел до пратениците да се надминат себе си.

„Пораката од еврокомесарот е јасна и ние очекуваме и сакаме пратениците да најдат сила и да гласаат мотивирани од европската иднина на државата, а не мотивирани од личните интереси на оние кои сакаат да избегаат од лицето на правдата. Ова прашање е тест за патриотизам“, пишуваат од Министерството за правда.

Вархеји вчера одржа средба и со осумте независни пратеници на која главна тема бил токму овој закон. Емилија Александрова вели дека време за неговото донесување има малку но дека е многу важно да се донесе вистинско законско решение а не политички закон.

„Добро би било да се најде во извештајот во февруари што ќе го изработи Европската комисија за Република Северна Македонија апелирам до сите политички лидери да се седне на маса и да се донесе едно вистинско законско решение во кое што ќе учествуваме сите кое што ќе гарантира подеднаква правда за сите“, посочи Емилија Александрова, независна пратеничка.

Неодамна и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние порача дека Законот за обвинителството е еден од клучните услови за добивање датум. Носењето на законот пред да се распушти парламентот е важно бидејќи во февруари од Европската комисија ќе има вонреден извештај за земјава пред одржувањето на Самитот во Загреб.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни