Партиска или владина посета на функционерите на ДУИ низ општините?
Министерот Крешник Бектеши вчера рече дека тоа е активност на ДУИ во рамки на Владата иако соопштенијата на имејл ги праќала ДУИ а не Владата.
„Тоа е активност во рамки на проектот на ДУИ “Твојот глас“. Не може да ги делиме активностите на партиски или владини. Што се однесува до владините активности има прес конференција на владата и се прават известувања од страна на соодветните институции, а вие денеска имате соопштение од ДУИ за својата активност“, истакна Крешник Бектеши.
Ако на Бектеши му беше тешко да дефинира кој се грижи за овие активности, неговиот колега, вицепремиерот Бујар османи кој е исто така од редовите на ДУИ, денеска рече дека активностите се во рамки на владата.
„Тоа е владина активност на министрите на ДУИ, кои одлучија да дадат отчет за нивната работа во овие 2 години и 7 месеци. Организатор е извршната власт во координација на вицепремиерот Дураку“, посочи Бујар Османи.
Со ова се оправдува употребата на службените автомобили и минувањето на работното време на терен. Иако ја нарекуваат владина активност, Осамни вели дека одлуката дошла од самите функционери на ДУИ на кои не им било проблем да им се придружат колеги и од другите партии кои се дел од извршната власт.
„Министрите на ДУИ одлучија да излезат заедно и да дадат отчет. Кој сака може да ни се придружи во нашите активности“, додаде Османи.
На овие активности на министрите на ДУИ некој напишал статус на Фејсбук.
“Продолжуваат да лажат и да се фалат со проекти реализирани од некој друг“.
Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири признава дека ова ги чинело нивните коалициони партнери. Апелира да ја одвојат партијата од државните органи.
„Тие ја разбираат партијата како држава. Партијата е едно, владата нешто друго, не може за партиски активности да злоупотребуваш државни ресурси. Тоа се ресурси кои им припаѓаат на граѓаните и не може да ги злоупотребуваш тие ресурси за лични или партиски цели. Овде треба да се прави разлика и тие тоа го знаат многу добро“, порача Мухамед Зекири.
На прашањето за поделба на партиските од владините активности, претседателката на Антикорупциска писмено одговори дека не може да се злоупотребува службената должност за партиски цели, во смисла на користење на работното време и државните ресурси за кои одговорни се лицата кои се одговорни и именувани за тоа.
Пред не повеќе од 5 месеци овој владин состав усвои Законик за владините функционери, во член 5 се вели дека носителите на јавни функции за време на работното време треба да избегнуваат каков било конфликт на јавни интереси со личните.