Успехот за време на коронавирусот се мери по иновациите, брзината и квалитетот a тоа го докажаа и од тимот на Челинџер со апликацијата насловена како ChallengerДома. Тие на 3.000 корисници преку купони за попусти со вклучени над 70 компании покажаа дека и во време на пандемија може да се помогне на сите во општеството. На оваа тема разговаравме со Олга Рајчиќ кој е дел од тимот на Challenger.
Олга, најнапред честитки. Очекувавте ли за краток период да имате 3.000 корисници на вашата мобилна апликација?
Олга Рајчиќ: Пред се благодариме на несебичната и неизмерна поддршка што ја добивме од граѓаните, компаниите, Фондот за Иновации и Технолошки развој и од вас медиумите што веруваа во нашата идеја #ChallengerДома. Искрено очекувавме повеќе корисници, но за среќа (а за жал за ChallengerДома) кривата на заболени почна да опаѓа, а со тоа и да се олеснуваат и мерките за движење. Сепак земајќи ги сите факти во предвид можеме да кажеме дека постигнавме одличен успех за кратко време, 3000 корисници, 70+ бизниси, 1500 превземени купони за попуст. Сега се спремаме на нашите граѓани да им донесеме поинакво искуство благодарение на новата верзија на Challenger.
Кои се предизвиците за толку краток рок да се произведе и пласира на пазарот една корисна мобилна апликација?
Олга Рајчиќ: Создавањето на апликација за само 15 дена беше вистински предизвик и ролеркоастер за целиот тим, бидејќи не бевме свесни со какви препреки ќе се соочиме, а верувајте беа многубројни. Сепак добрата организација и координација на нашиот мал тим ни овозможи брзо да се приспособуваме на новонастанатите ситуации, и нашата агилност помогна да научиме и да ја пласираме апликацијата на пазарот за само 15 дена. Важно е дека научивме многу, и пресреќни сме што успеавме да создадеме апликација која носи нови клиенти на локалните бизниси.
Каков тим работеше на апликацијата?
Олга Рајчиќ: Нашиот мал и млад тим го сочинуваат 7 индивидуи, и во оваа прилика сакам да кажам едно големо БРАВО до Теодора, Стефан, Митко, Симон, Јована, Софија, Сара, Александар и Мики кои работеа деноноќно за да ChallengerДома да стане реалност. Се надеваме дека ќе следат уште многу вакви производи кои ќе ги лансираме на македонскиот пазар. Најважно е дека нашата цел е да создаваме вредност за нашите граѓани и заедница.
Интересно е дека вклучени се над 70 мали и средни компании, што по завршување на вонредната состојба односно на препораките да се седи дома?
Олга Рајчиќ: Полека нашиот тим почна да се насочува кон подготовките за припремањето на основната верзија на Challenger, односно мобилна апликација која ќе ве наградува за секој поминат километар пешки или на велосипед. Нашата цел е сите бизниси да бидат дел и од новата апликација Challenger, бидејќи воочивме дека луѓето сакаат да купуваат од своите локални брендови. Тоа значи дека по завршувањето на вонредната состојба продолжуваме да се дружиме со Challenger само во една поинаква форма. Важно е да се нагласи дека нашата цел е да создадеме заедница која ќе носи промени во своето општество, независно со каков предизвик се соочува. Докажавме дека со короната можеме да се справиме, сега е на ред аерозагадувањето.
Пред вас продолжува вашиот Челинџер кој е тој?
Олга Рајчиќ: Со Challenger сакаме да ги мотивираме граѓаните да ги остават своите возила, а со тоа да допринесат кон намалување на аерозагадувањето. Challenger повторно ќе ги наградува своите корисници, односно математиката е следна
1км на велосипед/печки = 1 Challenger поен . Поените се разменуваат за попусти во нашата продавница.
Дополнително ќе ги предизвикаме корисниците со различни предизвици каде меѓусебно ќе се натпреваруваат, а најбрзите ќе освојуваат и директни награди од локалните бизниси.
Целта е овој пат заедницата на граѓани и бизниси да се сплотат заедно и да промовираат алтернативни методи на транспорт. Само доколку делуваме заедно можеме да донесеме промени, односно да го намалиме аерозагадувањето и да креираме здрави навики за секој еден од нас.
Која е пораката до младите особено кој треба да бидат идни иноватори?
Олга Рајчиќ: Дури и кога изгледа невозможно немојте да се откажувате, туку најдете начин како да се приспособите на новонастанатата ситуација. Секогаш ќе се соочувате со препреки, но тие се тука за да ве извадат од зоната на комфорот, а тогаш најмногу учите. Најважно бидете упорни, креативни и размислувајте каква промена и вредност ќе донесе вашето решение на пазарот.