Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на својот официјален Твитер налог упати тешки обвинувања и клевети на адреса ТВ21 дека преку емисијата ЕУКлик, како што вели, тераме кампања на одредена политичка партија. Иако и во минатото сме се соочиле со вакви притисоци и не сме реагирале, сепак во овој случај одлучивме да реагираме бидејќи сметаме дека е коректно јавноста да биде запознаена со целата ситуација.
Од засега нејасни причини, ТВ21 стана мета на тешки и неосновани обвинувања од страна на Алијанса за Албанците. Лидерот на оваа партија на својот официјален Твитер налог ја обвини нашата телевизија дека преку емисијата ЕУКлик тераме кампања на една политичка партија. Зијадин Села обвини дека ТВ21 преку ЕУКлик користи ЕУ фондови за промоција на кампањата на ДУИ.
Ова се тешки клевети. Емисијата ЕУ Клик воопшто не е дебатна или политичка емисија. Таа има информативен карактер, преку која граѓаните се информираат за ЕУ фондовите кои им се на располагање. Емисијата не се користи за предизборни кампањи.
Тема на последното издание на ЕУКлик беше епидемијата со Ковид-19. Г-динот Бујар Османи беше поканет како Национален координатор за странска помош и Главен координатор на сите локални самоуправи во борбата против Ковид-19. Темата на емисијата беше исклучиво епидемијата од новиот вирус. Г-динот Висар Ганиу беше поканет како градоначалник на Општина Чаир каде во последно време расте бројот на новозаразени и како личност која има позитивен тест на Ковид -19. Сите прашања беа поврзани токму со горенаведеното, во ниту еден момент не се зборуваше за некаква изборна програма или кампања. Поради тоа обвинувањата се неосновани.
Уште повеќе зачудуваат ваквите обвинувања ако се знае дека Алијанса за Албанците беше застапена во претходните изданија на ЕУ Клик.
Минатата недела во истата емисија гостин беше Омер Ајдини од младинскиот форум, пред неколку недели гостуваше, г-динот Беким Татеши. Понатаму, во истата емисија гостин беше и госпоѓата Арта Точи, поранешен заменик министер за надворешни работи, како и други претставници од партијата.
Од друга страна, во емисијата КликПлус, оваа недела гостин беше генералниот секретар, г-динот Арбен Таравари и секоја недела во нашите дебатни емисии има претсавници од Алијанса за Албанците, или редовно добиваат покани за гостувања. Редовно се застапени со изјави во информативните изданија на вестите на ТВ21, но и сите други емисии од различен карактер. Речиси сите прес конференции на Алијанса за Албанците се пренесувани во живо на нашата фејсбук страница. Ова е доказ дека ТВ21, како за сите партии, така и за Алијанса за Албанците секогаш била отворена, коректна и професионална.
Но, за жал не е прв пат да се соочиме со ваков обид за притисок од страна на оваа партија. Сепак, за прв пат се одлучивме да реагираме, бидејќи сметаме дека е коректно јавноста да биде запознаена.
Го поставуваме прашањето, дали овие обвинувања може да се сметаат како притисок врз професионалното работење на ТВ21 од страна на ПР машинеријата на Алијанса за Албанците? Воедно, го поставуваме прашањето, кога вакви обиди за притисок се прават од нивна страна кога се во опозиција, што ќе се случи доколку во иднина станат дел од власта?
Без разлика на се, ТВ21 нема да потклекне на никакви притисоци, не само од Алијанса за Албанците, туку од ниту една партија, без разлика дали е во власта или е во опозиција. ТВ21 како професионален медиум, кој во Македонија постои речиси пет години, а е дел од групацијата 21Медиа и РТВ21 основана пред 22 години во Приштина, Косово, ќе остане отворена за сите политички партии, па и за Алијанса за Албанците.
ТВ21 има единствена мисија, а тоа е професионално, неутрално и избалансирано известување. ТВ21 во сите извештаи на релевантни домашни и странски агенции е оценета како неутрална телевизија. Така ќе остане и во иднина.
УРЕДНИЧКИ КОЛЕГИУМ НА ТВ21
.