Во Делчево денеска беше пуштен во употреба првиот пешачки мост на река Брегалница во рамки на проектот за Развој на Источно- планскиот регион во вредност од 8,2 милиони денари.
Околу 60 отсто од вредноста на електронската аукција е обезбедена со средства од проектот за развој на Источно-планскиот развоен регион, преку Бирото за регионален развој, а останатите 40 проценти се обезбедени со кофинансирање од Општина Делчево.

На настанот присуствуваа министерот за локална самоуправа Горан Милевски, директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи како и директорката на Центарот на Источно-планскиот регион, Драгица Здравева.
„Министерство за локална самоуправа и понатаму ќе се грижи за општините, а преку нив и за граѓаните преку своите програми. Изградбата на пешачкиот мост со години беше ставан како приоритет на граѓаните на форумските сесии така што сега е реалност. Овој мост во Делчево го поврзува стариот со новиот дел на градот, но претставува и украс на градот и е дел од туристичкиот пакет на Делчево. Вредноста на изградбата изнесува 8,2 милиони денари од кои 60 отсто ги покрива министерството. Ова е пример кој треба и да го следат останатите општини да ги урбанизираат своите места и со тоа жителите да имаат поквалитетен живот”, рече Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Според градоначалникот на Делчево денес мостот е во употреба благодарение на поддршката од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, преку Центарот за Источно-планински регион, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година.
„Ова е прв пешачки мост на река Брегалница во Делчево и е од огромно значење за жителите од стариот дел на Делчево, бидејќи со ставањето во функција на мостот, ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке”, Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Особено сум горд што успеавме да ја оствариме децениска желба на моите сограѓани и да партиципираме со средства во висина од 40 проценти од буџетот на Општината”, вели градоначалникот, Горан Трајковски.

Мостот е со челична конструкција и е во должина од 60 метри, распонот е од 42 метри, а ширината на пешачката патека е 3 метри и е целосно осветлен.
Изградбата на мостот има и дополнителна вредност, бидејќи Општина Делчево има дополнителни инвестиции за изградба на пристапни рампи и пристапна улица со која се поврзуваат локалните институции, а неговата изградба е во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда”.
„Се надевам дека соработката со општина Делчево и со министерството за локална самоуправа во обезбедување на средства за финансирање на значајни инфраструктурни проекти ќе продолжи во текот и на 2021 година” додаде директорката на Центарот на Источно-планскиот регион, Драгица Здравева.
