Адвокатите на обвинетиот за нападот врз Трамп бараат поблаги затворски казни

Адвокатите на Кол Ален, обвинет за обид за атентат врз Доналд Трамп, побарале од судијата да ги ублажи затворските ограничувања, кои ги опишале како „казнени“. Ален (31) минатата недела, на 27 април, се обиде да ја пробие безбедносната контрола на вечерата за дописници на Белата куќа и притоа испука истрел од сачмарка, пишува Sky News.

Според поднесокот до Окружниот суд на САД за Дистрикт Колумбија, Ален по апсењето бил сместен во „безбедносна ќелија“, опишана како обложена просторија со целосна изолација, каде што морал да носи „елек налик на лудачка кошула“.

Се вчитува...

Подоцна бил префрлен под „мерки на надзор поради опасност од самоубиство“, што значи дека и понатаму не смее да телефонира, да прима посети освен од адвокати, ниту да излегува од ќелијата освен под придружба за туширање или состаноци со правниот тим.

Во поднесокот се наведува дека медицинска сестра уште во петокот препорачала укинување на тие мерки, но тие останале на сила. Адвокатите на Ален тврдат дека таквиот статус „претставува казна“ и му оневозможува користење затворски таблет за комуникација со семејството, како и прегледување на судските документи што му биле доставени.

Обвинет за обид за атентат, се изјаснил дека не е виновен

Ален се товари за обид за атентат, пукање со огнено оружје при извршување насилно кривично дело, како и нелегален транспорт на оружје и муниција преку федерални граници. Овој хонорарен наставник и аматерски програмер на видеоигри од Калифорнија се изјаснил дека не е виновен и до судењето ќе остане во притвор.

Објавени снимки и фотографии од нападот

Во меѓувреме, американската обвинителка Џенин Пиро изјавила дека владата поседува докази дека за време на наводниот обид за атентат бил застрелан федерален агент. Sky News претходно објави дека постои можност агентот случајно да бил погоден од куршум на еден од колегите.

Обвинителството оваа недела објавило и снимка за која тврди дека го прикажува осомничениот Ален како ја извидува локацијата и се пробива низ безбедносната точка со кренато оружје, додека агент на Тајната служба отвора оган.

Министерството за правда објавило и фотографии од ноќта на нападот на кои Ален позира со оружје. Обвинителите наведуваат дека кај себе имал нож во футрола, рамена футрола за пиштол и торба полна со муниција.