Денеска се навршуваат пет години од автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија. На 23 ноември 2021 година, на враќање од Истанбул кон Скопје, во автобусот на „Беса транс“ загинаа 45 луѓе, меѓу нив и 12 деца. Седум патници ја преживеаја несреќата.
Несреќата се случи кратко по два часот по локално време, на 31. километар од автопатот, во близина на селото Боснек. Автобусот удри во заштитната ограда и се запали.
Во Бугарија, семејства на загинатите побараа обесштетување од Агенцијата за патна инфраструктура поради состојбата на делницата. Во јануари 2025 година, Окружниот суд во Перник утврди дека агенцијата сноси 10 отсто од одговорноста за настанатата штета. На секој од тужителите во таа постапка судот му досуди по 20.000 лева.
Во Скопје се води посебна кривична постапка за документите со кои автобусот ја минувал границата. Според Основното јавно обвинителство Скопје, превозникот користел фалсификуван извод од лиценца за меѓународен превоз на патници.
Откако Апелациониот суд ја укина првата пресуда, во март 2026 година скопскиот Кривичен суд повторно му изрече казна од една година и осум месеци затвор на управителот на „Беса транс“, Беким Хаџиу. На компанијата ѝ изрече парична казна од 800.000 денари и четиригодишна забрана за меѓународен превоз. Пресудата сè уште не е правосилна. На 26 октомври предметот повторно е доставен до Апелациониот суд во Скопје, кој треба да одлучи по жалбите