Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување радиофреквенции, со што ќе се овозможи влез на нов мобилен оператор на македонскиот пазар. Постапката е покрената по барање на ОНЕ Македонија телекомуникации, а целта е зголемување на конкуренцијата и подобрување на услугите за корисниците.
Со тендерот се предвидува доделување на три пакети радиофреквенции во опсезите 700 MHz, 1800 MHz и 3.5 GHz, кои се неопходни за развој на нови мобилни мрежи, вклучувајќи ги и 5G услугите. Право на учество ќе имаат исклучиво нови оператори, додека постојните А1 Македонија и Македонски Телеком се исклучени од оваа постапка.
Важни рокови и обврски за идниот оператор
Планирано е новиот оператор да добие дозвола за користење на фреквенциите со рок на важност од 8 до 12 години, во зависност од фреквенцискиот опсег. Меѓу обврските се вклучуваат:
- До крајот на 2026 година – најмалку еден град мора да биде покриен со 5G сигнал.
- До 2028 година – покривање на главните транспортни коридори со непрекинат 5G сигнал.
- До 2030 година – сите градови да бидат покриени со 5G сигнал.
- До 2032 година – секој граѓанин да има пристап до интернет со минимална брзина од 100 Mbps преку 5G.
Минималниот еднократен надоместок за користење на радиофреквенциите е утврден на:
- 4,2 милиони евра за 700 MHz,
- 1,5 милиони евра за 1800 MHz,
- 2,32 милиони евра за 3.5 GHz.
Заинтересираните компании што не поседуваат јавни мобилни мрежи на територијата на Македонија имаат рок до 16 мај 2025 година да поднесат писмо за искажување интерес до АЕК.
Оваа постапка се очекува да донесе нови инвестиции и да придонесе за подобра достапност и квалитет на мобилните комуникациски услуги во земјава.