Аеродромот на шпанскиот остров Ла Палма беше отворен денеска – 24 часа откако беше затворен поради ерупцијата на вулканот Камбре Виеја. Сепак, летовите се уште не се обновени, а авиокомпаниите чекаат да се подобрат условите, пренесе АФП.
Операторот на аеродромот Ла Палма, еден од Канарските острови, денеска објави дека сега е отворен откако во текот на ноќта беше исчистена падната пепел.
Сепак, авиокомпаниите рекоа дека нема да ги продолжат летовите додека условите не бидат целосно безбедни.
Затворањето на аеродромот Ла Палма, остров со 85.000 жители, доведе до долги редици за траекти од локалното пристаниште вчера наутро.
Околу 6.200 локални жители се евакуирани од своите домови во изминатата недела. Денес, скоро 160 од нив добија дозвола да се вратат дома.
Ова е прва ерупција на вулканот на островот од 1971. Според последните податоци, уништени се 461 зграда. Лавата зафати 212 хектари, претежно со насади со банани – главната економска активност на Ла Палма. 1314 хектари се зафатени од паднатиот пепел.
Во претходните две вулкански ерупции – во 1949 и 1971 година – загинаа вкупно три лица. Двајца од нив се отруени со гас, забележува АФП.