Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, во синоќешниот дебатен магазин „Клик Плус“, рече дека најголемата грешка што ја направила СДСМ, била поддршката што ѝ ја дала на ДУИ на последните локални избори. Меѓу другото, додава дека не сака коалиција со ДУИ.
-За локалните избори, јас реков, најголемата грешка на СДСМ, поради која разочаравме дел од гласачите Албанци на СДСМ, е токму помошта што ѝ ја укажавме на ДУИ на локалните избори. Сакам да ги потсетам граѓаните, јас и јавно кажав дека сум против, а тоа го знаеја и пред локалните избори-рече Зекири.
Но, првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, рече дека Зекири не е легитимен претставник на политиките на СДСМ.
-Мислам дека Мухамед Зекири не е легитимен претставник на политиките на СДСМ. Коалицијата функционера. Меѓу претседателот на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, како и партиските органи има добри и стабилни односи. Функционираме нормално. Секако дека може да има разлики за разни прашања, но во суштина работите одат во вистинска насока-изјави Ахмети.
ТВ21 побара став и од првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, во врска со ставовите на Зекири за ДУИ. Заев рече дека во редовите на СДСМ има луѓе кои сакаат да бидат во коалиција со ДУИ, но дека сѐ уште не донеле одлука.
Инаку, Мухамед Зекири синоќа во „Клик Плус“, исто така рече дека сите во раководството на неговата партија сфатиле дека тој бил во право кога се спротивставил на соработка со ДУИ. Како што вели, ДУИ не е достојна да ги застапува Албанците.
Н: Која партија е достојна да ги застапува Албанците?
Зекири: Која било партија, освен ДУИ.