Македонија

АХВ побара вакцини против сипаници кај овците од ЕК и Турција

АХВ побара вакцини против сипаници кај овците од ЕК и Турција

По зголемениот број случаи на угинати овци, надлежните институции преземаат дополнителни активности за ставање под контрола на болеста. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) испрати информација до Европската комисија и до Република Турција за можна донација на вакцини против сипаници кај овците.

Од АХВ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека експертската група континуирано ја следи состојбата и носи мерки за спречување на ширењето на болеста. Дополнително, повторно е побарана помош од EUVET тимот на Европската комисија.

Од институциите велат дека по добивањето одговор во врска со вакцинацијата, ќе се изврши тестирање на безбедноста и чистотата на вакцината, по што, доколку ги исполнува условите, ќе започне вакцинацијата.

„Во моментот се применува стратегијата stamping out“, наведуваат од АХВ и МЗШВ.

Надлежните предупредуваат дека секоја вакцинација што ќе биде извршена од сточар на сопствен трошок, без претходно одобрение од АХВ, ќе биде санкционирана. Во таков случај нема да се исплаќа компензација за заболените животни, ниту обештетување за животните кои ќе бидат одземени.

Санкции се најавуваат и за ветеринарните друштва кои би спроведувале незаконска вакцинација или не би ги извршувале активностите од јавен карактер.

АХВ упатува апел до сите сточари навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи на болеста и да соработуваат со официјалните ветеринари и ветеринарните друштва при спроведувањето на мерките и депопулацијата на животните.

Воедно, Агенцијата ги демантира наводите изнесени во видеообраќањето на Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, за наводна некоординираност при постапувањето со одземените овци во селото Соколарци.

Од АХВ појаснуваат дека локацијата прикажана на видеото е местото каде што, согласно утврдените биосигурносни мерки, биле закопани еутаназираните животни.

„Овците и козите се затрупани со поголем слој на земја, местото е соодветно дезинфицирано и означено дека тука постои опасност од заразна болест“, велат од АХВ и МЗШВ.

Од институциите наведуваат дека пронајдените овци и кози потекнуваат од одгледувалишта кај кои болеста е присутна, а тврдат и дека дел од сточарите спроведувале незаконска вакцинација со вакцини кои, според нив, биле неквалитетни и илегално набавени од Турција.

Во соопштението се нагласува дека отстранувањето на угинатите животни е во надлежност на локалната самоуправа, која треба да обезбеди соодветно постапување.

Од АХВ додаваат дека од одгледувалиштата до местата за закопување биле почитувани сите биосигурносни мерки за спречување на ширењето на болеста.

„Со постапките на поединци може само дополнително да се прошири болеста на места каде што не е потврдена“, предупредуваат од АХВ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни